Александар Ѓорѓевиќ е можеби најпотценетиот тренер во Европа последните години и се уште не добива онаква почит каква што заслужува.
Претходните две сезони, тој доби отказ од два клуба иако претходно ги донесе до шампионските титули во домашните првенства. Во 2021 година беше истеран од Виртус, а лани од Фенербахче, клубови на кои потоа не им одеше ништо според планот.

Пред две сезони му ја донесе првата шампионска титула на Виртус по пауза од 20 години, а до неа стигна без ниеден пораз во плејофот. Прво го елиминира Тренто со 3-0, па Венеција со 3-0 и во финалето најголемиот ривал Олимпија Милано со 4-0. За сите беше чудо што на крајот од таа сезона не беше продолжена соработката со него и Виртус го назначи Серџо Скариоло за негов наследник.

Лани не беше толку убедлив, но сепак, му го донесе трофејот на Фенербахче и тоа пред Анадолу Ефес кој неколку недели претходно стана европски првак. Во четвртфиналето ја победи Бурса со 2-1, во полуфиналето Дарушафака со 3-1, исто како и Ефес во финалето. И тогаш доби отказ и на негово место дојде трофејниот грчки стручњак Димитрис Итудис.
Ни Виртус, ни Фенербахче во првите сезони по разделбата со Ѓорѓевиќ не успеаја да ги одбранат титулите. Виртус лани беше поразен од Милано во големото финале со 2-4, а Фенербахче сезонава не стигна ни до финалето бидејќи загуби од Анадолу Ефес со 1-3. Тоа доволно зборува каква работа вршел Ѓорѓевиќ и колку не бил ценет од своите поранешни работодавци.