Трофејниот шпански стручњак Пабло Ласо од денеска официјално е нов тренер на Баерн Минхен со што стави крај на едногодишната пауза и ѝ се враќа на кошарката.
Тој потпиша договор до 2025 година, а ова ќе биде негов прв клуб по 11-годишниот престој во Реал со кого освои 24 трофеи, вклучувајќи два во Евролигата. На тренерската позиција, Ласо доаѓа како замена за Андреа Тринкиери кој си поднесе оставка веднаш по елиминацијата во германскиот плејоф.
👋 𝙒𝙚 𝙗𝙚𝙡𝙞𝙚𝙫𝙚 𝙞𝙣 #𝘽𝙚𝙡𝙞𝙚𝙫𝙚. 𝘼𝙣𝙙 𝙋𝙖𝙗𝙡𝙤.#FCBB #Laso2025 #PabloLaso @marca pic.twitter.com/hSj0gth4Vr
— FC Bayern Basketball (@FCBBasketball) June 12, 2023
„Голема е честа што сум во Минхен, би сакал да им се заблагодарам на сите што ме избраа за тренер на Баерн кој се натпреварува во Бундес и Евролигата. Сакам да направам успех кој го имав и во минатото, а тоа не е само освојување на титулата во Евролигата. Целосно сум фокусиран и подготвен да го однесам Баерн скалило погоре“, изјави Ласо на промоцијата.
Покрај Светислав Пешиќ, тој ќе биде најславниот и најтрофеен стручњак кој некогаш го водел Баерн поради што и очекувањата од него се огромни.