По воведните два пораза, од Гостива и Работнички, актуелниот македонски вицешампион ја оствари и четвртата победа во низа.
Нова жртва на Пелистер е Феникс кого битолчани денеска во Скопје го совладаа со 80-73. Во моментов, Пелистер заедно со Чаир, ја има втората најдолга победничка низа во лигата, по онаа на ТФТ која изнесува пет триумфи. Токму овие две екипи се среќаваат во следното коло, во Битола.
Денешниот натпревар го одбележаа големите осцилации во играта и резултатот. Пелистер беше многу подобар во првата четвртина, отвори со 7-0, подоцна имаше 29-12 и со +14 ги заврши првите десет минути. Феникс одговори со серија од 14-0 во вториот квартал со која дојде на само еден поен негатива (31-32) за на голем одмор да се замине со 46-42 гостинскиот тим.
И повторно Пелистер се одлепи на +9 (55-46) за Феникс подоцна да се врати на 65-66 на влезот на последната четвртина. Клучна се покажа серија од 12-1 на Пелистер за водство од 78-66 на три минути пред крајот на која домашниот тим не успеа да одговори и мораше да го признае поразот.
Мијовиќ со 17 поени го предводеше Пелистер каде се истакнаа и Маслинко со 16 поени и Планиниќ со дабл дабл од 15 поени и 11 скока. Кај Феникс, најефикасен беше новиот играч Метјус со 20 поени, еден повеќе од Рис кој оствари и 13 скока.