Поранешниот македонски репрезентативец Предраг Пајиќ одмора по напорната сезона која ја помина во два клуба – Навико Академија ФМП и Чаир.
На крајот и едните и другите успеаја да обезбедат опстанок во елитната конкуренција, а 30-годишниот бек имаше свој придонес во остварувањето на таа цел. Кога веќе се слегнати впечатоците од она што се случуваше, Пајиќ прави резиме на сезоната.
„Кога ќе направам мала ретроспектива на случувањата, можам да кажам дека ова беше турбулентна сезона за мене, од аспект на промена на средината во друг клуб. Ќе се осврнам на првичниот клуб Академија ФМП, каде што имаше прекрасна кохезија помеѓу играчите. И покрај тоа што бевме дефицитарни на центарската позиција, на секој натпревар влегувавме пожртвувано и дававме максимум за да стигнеме до посакуваната цел. Во текот на сезоната дојде до смена на тренерската позиција по што се јавија антагонистички мненија во врска со мене и решивме да се разделиме.
Веднаш потоа се јави екипата на Чаир на чело со Ерхан Рамадан, со потпишувње на неколку засилувања и играчите кои што веќе беа во клубот и успеавме да ја оствариме зацртаната цел на управата, да се обезбеди опстанок во елитното друштво во македонската кошарка за следната година. Сакам да му се заблагодарам на Рамадан за укажаната прилика и можност да се натпреварувам со играчите од Чаир и за тоа како ме прифатија во средината.

Кога би сублимирал, секогаш може подобро и секогаш гледам позитивно на случувањата, од целата ситуација се трудам да извлечам поука. Договорот со Чаир ми заврши после крајот н сезоната, имам остварено контакт со неколку клубови, ќе видиме кое е најдоброто решение за мене во моментот и наскоро ќе одлучам каде ќе продолжам“, вели Пајиќ.
Искусниот кошаркар кој е производ на школата на Вардар, а во кариерата играше уште и за Фени Индустри (сегашен Еуро Никел), Кожув и Пелистер, по повеќе од една деценија во Првата лига, добро знае кој е рецептот за еден играч да биде задоволен од она што го прави.
„За да се чувствува добро, кошаркарот треба да најде средина каде што ќе игра константно и ќе го почувствува придонесот за екипата. Во тој контекст е и моето размислување за промената на правилото за бројот странци кое ќе стапи на сила претстојната сезона, односно можност да играат во исто време ќе имаат сите четворица странски играчи. Јас сум песимист во врска со таа одлука, а времето ќе покаже дали ќе вроди со плод“, додава Пајиќ.