Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ има голема шанса, конечно да дебитира во Евролигата идната сезона бидејќи неколку клубови кои учествуваат во ова натпреварување веќе изразиле желба да го донесат кај себе откако тој вчера официјално го раскина договорот со Валенсија.
На листата заинтересирани, како што тврди шпанскиот портал Солобаскет, се наоѓаат Партизан, Басконија, Фенербахче и Баерн, а во игра е и ланскиот освојувач на трофејот во ВТБ лигата, Зенит. Ваквиот интерес се должи на фактот што Димитријевиќ е слободен играч и за него не треба да се плати отштета, а во исто време, тој игра во фантастична форма и беше прогласен за МВП на плејофот во ВТБ лигата каде ја освои титулата со Уникс, клуб во кој настапуваше како позајмен од Валенсија.
Димитријевиќ ќе има доволно време да ги разгледа сите понуди и да го избере вистинскиот клуб, а никој не се сомнева дека каде и да се пресели, ќе биде големо засилување.