АБА шампионот Партизан дојде до третата победа по ред на домашен терен, четврта вкупно сезонава во Евролигата откако славеше во дуелот со „фенерџијата“ Алба со 89-74.
„Црно-белите“ долго се мачеа со аутсајдерот на овој меч, па дури и конечниот резултат не ја отсликува реално состојбата на теренот затоа што на 45 секунди беше само +10 за домаќинот (84-74). Во финишот Кабокло погоди три слободни фрлања, а Нанели постигна кош пред истекот на времето и Партизан дојде до преубедлив триумф во однос на она што го покажа на овој натпревар.

Тимот на Жељко Обрадовиќ цело прво полувреме не можеше резултатски да се одлепи, а во воведната четвртина се наоѓаше и во негатива. Дури во третиот квартал, по серија од 13-1, отиде на 65-52, но и тогаш Алба не се предаде и намали на осум поени негатива. Тоа донесе нервоза кај играчите на Партизан, дури и кај навивачите, па домашните кошаркари мораа добро да запнат во последните минути за да не дојде до изненадување.
Алекса Аврамовиќ со 20 поени беше најдобар поединец во тимот на Партизан, а Анѓушиќ постигна 16. Јоханес Тиман ја предводеше Алба со 21 поен.
Од другите натпревари., Панатинаикос ја оствари четвртата победа на последните пет натпревари, совладувајќи го Виртус со 90-76, а Барселона славеше во шпанското дерби против Валенсија со 74-70.