Откако менаџментот на АБА лигата вчера излезе со нов план во врска со финалната серија меѓу Партизан и Црвена Звезда, вицешампионот во ова натпреварување ја отфрли идејата за промена на терминот за првиот натпревар.
Тој првично беше закажан за 12 јуни, а според новиот план на АБА, се преместува за ден подоцна. Спортскиот директор на Партизан, Зоран Савиќ излезе со соопштение во кое објаснува зошто тоа е неприфатливо за неговиот клуб.
„Почитувани господа, ги цениме напорите на менаџментот на некој начин да се реши проблемот до кој дојде неочекувано, поради одредување исти термини на натпреварите од АБА лигата и КЛС. Не ни е познато како е можно и зошто дојде до таков проблем.
Во согласност со календарот на натпреварување и применото известување за термините на натпреварите, објавени на официјалната интернет страница на АБА, Партизан ги пушти во продажба билетите за првиот натпревар од финалната серија на АБА од кои голем дел се продадени, а клубот очекува рекордна посета.
Познато е дека нашите натпревари ги следат голем број навивачи од кои многу живеат надвор од Белград. Јасно е дека нашиот клуб има многу добар однос со своите навивачи, благодарен им е за безрезервната поддршка и води сметка за нив. КК Партизан не може и нема да ги изневери навивачите кои веќе купиле билети за натпреварот. Затоа би било неодговорно да го прифатиме терминот што го одредиле од АБА лигата.
Значи, нашиот одговор на вашето прашање е дека КК Партизан не е согласен со промената на терминот. Ве молиме да не известите во кое точно време, на 12 јуни 2023 година, ќе се игра првиот натпревар од финалната серија“, пишува, меѓу другото, Савиќ.
Прашање е дали е ова конечно бидејќи според пропозициите на АБА, можна е промена на термините во ова натпреварување.