Кадетите на Партизан се победници на третото издание на турнирот „Драган Василов Цевка“ кое минатиот викенд се одржуваше во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Во финалето, младите кошаркари од Белград убедливо го совладаа бугарскиот претставник Мињор од Перник со 81-56, а претходно, во полуфиналниот меч беа подобри и од словачкиот Интер Братислава со 79-73. Токму Интер Братислава е освојувач на бронзениот медал бидејќи беше подобар од Клуж од Романија со 67-63.

Од македонските претставници на турнирот, Вардар е шестопласиран по поразот од Триумф од Србија со 41-76, а МЗТ Скопје е седми бидејќи беше подобар од Ол Стар од Црна Гора со 67-53.
Најдобар стрелец на турнирот беше Иво Валентинов од Мињор, а за МВП е прогласен Лука Павловиќ од Партизан. Наградите на најдобрите им ги предаде синот на Драган Василов Цевка, Горан Василев, поранешен кошаркар и младински репрезентативец на Македонија.