Втора сезона по ред, Партизан успеа да се пласира во големото финале од АБА лигата, овојпат со голема мака и со „мајсторки“ против Студентски Центар и Олимпија.
Вечерва го совлада словенечкиот претставник со 90-71 и со конечни 2-1 избори место во серијата за титулата од регионалното натпреварување. Дали таа ќе се одржи, никој не знае бидејќи вториот финалист, Црвена Звезда во текот на викендот соопшти дека не планира да игра во термините кои ги одреди АБА затоа што во истиот период треба да игра и финале од српското првенство.
Без разлика на тоа, Партизан денеска го одигра својот најдобар натпревар во годинашниот плејоф. Уште на почетокот можеше да се забележи големата желба кај играчите на белградскиот тим, отвори со 15-2, Олимпија подоцна израмни на 29-29, но со серија од 12-1, Партизан се избори за +11 на полувреме (41-30). Тоа веројатно го скрши моралот во тимот на Олимпија која во последната четвртина заостана дури 28 поени (58-86) и малку недостасуваше да доживее катастрофа.
Ако Црвена Звезда го смени својот став, првиот меч од финалната серија ќе се игра на 12 јуни, а предноста на домашниот терен ќе ја има Партизан.