Пелистер без милост и по брза постапка – за 80 минути им даде 142 поена на Ангели

0Shares
0 0

Лидерот на табелата ја продолжи победничката серија во првенството со лесниот триумф на гостувањето во Скопје, кај Ангели.

Без многу прекини, за само еден час и 20 минути (мечот меѓу МЗТ Скопје УБ и Еуро Никел почна во истото време, а заврши 15 минути подоцна), заедно со паузата на полувреме, Пелистер го собори рекордот за оваа сезона по постигнати поени на еден тим, совладувајќи го „фенерџијата“ со 142-88. Соборен е и рекордот по вкупниот индекс на екипата бидејќи битолачни стигнаа до 205 иако играа без Ѓуроски, Младеновски и Трајковски. За волја на вистината, Ангели беа во поголеми проблеми затоа што недостасуваа дури четворица стандардни кошаркари

Ангели пружија каков-таков отпор во првата четвртина, имаа 26-30 на 85 секунди пред крајот на тој период, но по серијата од 10-0 на стартот од вториот квартал, Пелистер отиде на 54-35 и потоа го само го зголемуваше водството, до крајните +54.

Малешевиќ беше прво име во Пелистер, постигна 33 поени, 9 скока и 5 асистенции, за одбележување се 16. асистенции на Младеновиќ и беспрекорниот шут од поле (10/10) на Кесар кој заврши со 25 поени, 10 скока и индекс 39. Кај Ангели се истакнаа двајца кошаркари: Васар постигна 30 поени, а Деолски 29. Не помогнаа ни 15. тројки што ги постигнаа домаќините.

0Shares
0 0