На една недела пред почетокот на новата сезона, Пелистер го донесе и четвртиот странски кошаркар со што ја пополни квотата за странци.
Нов член на битолскиот клуб е 25-годишниот бек Кристијан Килинг кој во Македонија доаѓа од данскиот клуб Хорсенс, но најинтересен за него е податокот од настапите во НЦАА. Последната колеџ-сезона (2019-2020), тој ја поминал на Универзитетот Северна Каролина, најпознат по тоа што за него играше најдобриот кошаркар на сите времиња Мајкл Џордан. На 33 натпревари за Тар Хилс, Килинг просечно постигнувал оо 6,4 поени.
Далеку подобар ефект имал во тимот на Хорсенс каде на 16 настапи, забележал ефект од 14,7 поени, 4,3 скока и 2,3 асистенции.
Пред Килинг, Пелистер се засили со уште тројца Американци: Кристијан Банди, Малколм Бернард и Ренди Брумант со кои ќе се обиде да го повтори успехот од претходните две сезони и да стигне барем до финалето од домашниот плејоф.