Слично како ТФТ во претходниот меч, екипата на Пелистер поради полошата игра во последните минути, остана без сензационална победа против најдобриот тим во АБА 2 лигата.
Златибор славеше со 84-76 иако македонскиот вицешампион водеше цела втора и трета и половина од последната четвртина. Дури и на нешто помалку од четири минути пред крајот, Пелистер се наоѓаше во предност (72-71), а потоа домаќинот на турнирот го направи финалниот спринт и дојде до победата.

Во последните две минути Пелистер не постигна поен, па по 78-76, Златибор направи серија од 6-0 за да го заклучи натпреварот и да се врати на челната позиција на табелата со биланс 4/1, колку што имаат и Војводина, Широки и Спартак. Јуре Планиниќ, кој минатото коло беше МВП, со 21 поен и индекс 33 го предводеше Пелистер, Бернард додаде 16, а Мијовиќ 12 поени.
По вториот турнир од АБА 2 лигата, МЗТ Скопје е најдобро пласиран македонски тим, на петтата позиција со биланс 3/2. Пелистер е десетти со 2/3, а ТФТ е на претпоследното место со 1/4. Третиот турнир од ова натпреварување се игра од 18 до 22 декември во Шибеник.