Во едно телевизиско гостување пред два дена, српскиот селектор Светислав Пешиќ најави дека по Олимписките игри во Париз ќе ја напушти функцијата, а не е исклучено тоа да биде и крај на неговата кариера. Србија обезбеди директен пласман на нив, па Пешиќ со сигурност ќе ја води репрезентацијата на најголемиот светски спортски собир.
Неговата изјава иницираше старт на шпекулации за тоа кој би можел да биде наследникот на клупата на светскиот вицешампион. Србија е кошаркарска велесила, а има и голема традиција на создавање квалитетни тренери, уште од средината на минатиот век, па до ден-денеска. Затоа и конкуренцијата за селекторската позиција е исклучително силна и во периодот што претстои ќе се води жестока битка.
Во конкуренција за функцијата се неколку релативно млади тренери, но и неколку поискусни, односно повозрасни. Последните денови се спомнува Душан Алимпијевиќ кој немаше голем успех во Црвена Звезда, но затоа направи чуда со турскиот прволигаш Бурсаспор со кој играше во финалето од Еврокупот. Покрај него, се спомнуваат актуелниот тренер на Монако, Саша Обрадовиќ, потоа поранешниот тренер на Мега, а сега дел од стручниот штаб на Голден Стејт Вориорс, Дејан Милојевиќ, како и Ненад Чанак кој имаше големи успеси во Литванија, а летово се пресели во Турк Телеком.
Јасно е дека многу брзо, Кошаркарскиот сојуз на Србија ќе тргне во акција за ангажирање нов селектор, но неговото име, од почит кон Пешиќ, веројатно ќе се знае дури по Олимписките игри во Париз.