Пионерската екипа на Вардар – една од најталентираните во историјата на Македонија

0Shares
0 0

Машките младински екипи на Вардар оваа сезона освоија една титула на државните првенства, но до неа стигнаа на неверојатно доминантен начин.

Во пребогатите со трофеи, витрини на „црвено-црните“ дојде пехарот во пионерска конкуренција, односно од екипата составена од кошаркари родени 2008 година и помлади. Истиот тим стигна до Суперфиналето во Европската младинска кошаркарска лига (EYBL), а летово даде и убедливо најголем број репрезентативци во У14 селекцијата која настапи на Словенија Бол.

Од 12 кошаркари во пионерската репрезентација, дури 7 беа од редовите на Вардар: Љубен Ефтимовски, Дамјан Данев, Жарко Терзиевски, Григориј Ѓорѓевиќ, Алексеј Нешовиќ, Дамјан Стојановски и Лука Пјевац. Селектор им беше нивниот тренер од Вардар, Александар Јованчев што беше и логично бидејќи тој најдобро знае со какви квалитети располагаат овие кошаркари. Ефтимовски беше и најдобар стрелец на македонската репрезентација на Словенија Бол.

За квалитетите на оваа генерација кошаркари на Вардар, најдобро зборува статистиката од пионерското првенство на Македонија.

Титулата беше освоена без ниеден пораз, со просек од над 120 постигнати и под 40 примени поени, па како резултат на тоа, очекувано беше повеќе од пола пионерска репрезентација да ја сочинуваат играчите од овој клуб.

Квалитетите на кошаркарите на Вардар беа препознати и во EYBL каде двајца се најдоа во идеалната, а еден во втората петорка на сезоната. Во најдобрата постава беа избрани Терзиевски и Ѓорѓевиќ, а Ефтимовски, кој на еден од турнирите беше МВП, беше дел од втората петорка. Со тоа Вардар имаше најмногу претставници во топ-10 играчите на сезоната во Европската младинска кошаркарска лига.

0Shares
0 0