Репрезентацијата на Полска обезбеди пласман во квалификациите за Олимписките игри во Париз откако излезе како победник од претквалификациската група која се играше на нејзин терен.
Во финалето, по голема драма, Полјаците ја совладаа БиХ со 76-72, а победникот се решаваше во последните секунди. На средина од последната четвртина, Босанците водеа со 64-60 пред да стартува серијата од 10-3 на домашната репрезентација. БиХ не се предаде, на 40 секунди пред крајот беше 71-71, но Плута и Понитка од линијата за слободни фрлања ја одведоа Полска до +3. Гарза можеше да намали на еден поен разлика, но погоди само еднаш, па со истекот на времето Жишковски го постави конечниот резултат.
Соколовски со 16 поени беше најефикасен во полската репрезентација, а Балчеровски додаде 14. Лазиќ го предводеше босанскиот тим со 16 поен, но во нападот потфрлија Муса и Нуркиќ иако кошаркарот на Портланд оствари дабл дабл со 11 поени и 12 скока. Од игра, тој шутираше 5/15, а Муса беше уште полош – 4/15.