Македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски во новата сезона ќе биде член на Работнички откако денеска потпиша договор на една сезона со клубот од Градски парк.
За него, тоа е враќање во најтрофејниот македонски клуб по пауза од осум години откако во 2015, една полусезона ги бранеше боите на овој тим по што се пресели во Кожув. Во меѓувреме, крилниот играч направи одлична кариера во Македонија и странство, освои шампионска титула со МЗТ Скопје, играше уште за Карпош Соколи, Блокотехна и Пелистер, како и неколку француски шпански клубови, а долги години е стандарден во македонската репрезентација, поради што се очекува да биде големо засилување за Работнички.
„Црвено-белите“ драстично го засилија составот ова лето, договорени се Роберт Рикиќ и Квентон Декоузи, а соработката ја продолжи Џелетовиќ. Како резултат на сето тоа, Работнички ќе биде можеби и најсериозен кандидат за шампионската титула во домашното првенство претстојната сезона, а го очекува и настап на европска сцена, во квалификациите за ФИБА Европа купот.