Српскиот шампион Црвена Звезда остана без победа и по петтиот натпревар на гостински терен во Евролигата оваа сезона.
Иако доминираше во првото полувреме, а се закани во финишот, белградскиот тим загуби во Пиреја со 83-88 и се уште е во долниот дел од табелата во елитното натпреварување. Звучи иронично, но трагичар на тимот на Звезда беше најефикасниот – Немања Недовиќ.
Откако неговиот тим направи серија од 9-0 за една минута и се доближи на 75-80, српскиот репрезентативец загуби топка во контранапад, а потоа, при резултат 78-82, доби техничка грешка затоа што ја згазна аут-линијата при изведување. Мустафа Фал и Ајзеа Кенан го искористија тоа за да ја бетонираат победата на Олимпијакос.
Недовиќ го заврши натпреварот со 26 поени, но бадијала сето тоа кога не ѝ донесе победа на Црвена Звезда. Питерс од Олимпијакос го одигра својот најдобар натпревар сезонава, постигнувајќи 28 поени, а се истакнаа уште Кенан со 15 поени и Фал со дабл-дабл од 14 поени и 14 скока.
Звезда останува без победа на гостински терен сезонава и вечерва го доживеа петтиот пораз. Олимпијакос се искачи на седмото место по двете победи до кои дојде и покрај проблемите со повреди на неколку важни играчи.
РЕЗУЛТАТИ
Макаби – Фенербахче 78-73
Олимпијакос – Црвена Звезда 88-83
Милано – Анадолу Ефес 92-76
Реал – Монако 91-73