Еден од најеминентните македонски стручњаци во историјата Јанко Луковски починал ноќеска на 77-годишна возраст.
Во својата играчка и тренерска кариера остави длабока трага во македонска кошарка. Играше од 1962 до 1979 година, 15 сезони во Работнички и две во МЗТ Скопје. Тренер стана на 34-годишна возраст во Борец од Велес, потоа една сезона го водеше Работнички каде се врати во 1991 година, во последната сезона од југословенското првенство во која клубот од Градски парк оствари неколку забележителни резултати. Меѓу нив и победата против Партизан во Белград, тимот кој таа сезона ја освои титулата во Купот на европските шампиони под водство на Жељко Обрадовиќ, а со играчи како Александар Ѓоревиќ, Предраг Даниловиќ, Жељко Ребрача итн.
Во меѓувреме беше помошник на јуниорската репрезентација на Југославија, а по заминувањето од Работнички, во 1992 година, заедно со својот брат Митко, ја отворија првата приватна кошаркарска школа во Македонија, Соколи. Во тој период замина во Србија каде водеше неколку тамошник клубови (Војводина, Профиколор, Бачка Топола), а во земјава се врати во 1997 година како тренер на МЗТ Скопје.
Неговиот последен ангажман во земјава беше исто така во МЗТ Скопје, во 2018 година, како стручен консултант на тогашниот тренер Ѓорѓи Кочов. Една година претходно беше ангажиран од Кошаркарската федерација како стручен советник во младинските селекции.