По една година во која го имавме МЗТ Скопје како претставник од земјава, во АБА лигата повторно нема да има македонски клуб во сезоната во која почнува денеска.
Во контроверзната завршница, аеродромци не успеаја да го сочуваат својот статус во елитата, па оваа сезона, заедно со Пелистер и ТФТ Моцарт ќе играат во втората лига. Првата повторно би требало да помине во знакот на белградските ривали Партизан и Црвена Звезда.
Тоа се најпопуларни и убедливо најсилни клубови на просторот на поранешна Југославија со тоа што оваа сезона, сметките ќе се обиде да им ги помати Будуќност, можеби и Олимпија. Со исклучок на Партизан, останатите три клуба доживеаја коренити промени во текот на летото, Звезда и Будуќност донесоа по десет, а Олимпија 11 нови играчи, па веројатно ќе им треба малку време за да се вклопат во една целина. Партизан смени само четворица кошаркари, но впечаток е дека му недостасуваат плејмејкер и центар што можеше да се забележи и на некои натпревари од подготовките, пред се на АБА Суперкупот.

И пред почетокот на сезоната, често можеа да се слушнат провокации меѓу белградските клубови, па јасно е дека и оваа година нема да биде поразлична од претходните и повторно ќе гледаме војна меѓу нив, како на теренот, така и надвор од него.
Ако нема македонски клуб, барем сезонава ќе имаме еден македонски кошаркар во елитната дивизија и тоа репрезентативецот Адем Мекиќ кој е член на Задар.
ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО
29.09.2023 Сплит – Студентски Центар 18:00
30.09.2023 Олимпија – Мега Баскет 18:00
30.09.2023 Будуќност – Задар 18:30
30.09.2023 Игокеа – Црвена Звезда 20:00
01.10.2023 Борац – Цибона 18:00
02.10.2023 ФМП – Крка 17:00
02.10.2023 Партизан – Морнар 19:00