За најдобрите европски клубови, завршува долгата пауза и од денеска, покрај во домашните првенства, ќе се фокусираат на натпреварите од Евролигата.
Националните првенства веќе почнаа, а денеска стартува и елитното европско натпреварување кое минатата сезона беше најинтересно и најнеизвесно откако постои во ваков формат. Составот на екипите е ист како лани бидејќи освојувачот на Еврокупот, Гран Канарија го откажа своето учество, од финансиски причини.
Титулата ја брани Реал Мадрид кој и сега, според сите аналитичари, е прв фаворит за трофејот. Екипата не претрпе особени промени во текот на летото, не замина никој од клучните играчи, но затоа дојде Факундо Кампацо кој во Реал е „свој на своето“ и во досегашните натпревари покажа дека се наоѓа во извонредна форма.

Големи промени во играчкиот кадар летово претрпеа Панатинаикос и Црвена Звезда кои, практично со нови ростери ќе влезат во сезоната. Вицешампионот Олимпијакос остана без својата прва ѕвезда Александар Везенков и се чини дека не најде соодветна замена за него и покрај тоа што го растури ПАО во финалето од грчкиот Суперкуп. Барселона е без Миротиќ, со Вили Хернангомес како замена, но и со нов неискусен тренер во Роџер Гримау кој го замени Шарунас Јасикевичиус. Монако и Милано со еден куп искусни и поранешни НБА играчи во составите ќе се обидат да ги изненадат ривалите и да стигнат до титулата.
Оваа сезона првпат ќе се игра плејин во кој ќе учествуваат екипите од седмата до десеттата позиција, по примерот на НБА. Минатата сезона тесна беше борбата за пласман во топ-8, па Евролига сакаше да им даде втора шанса на тимовите кои за малку останаа без место во плејофот. Основниот дел од сезоната ќе трае до 12 април, а завршниот турнир ќе се одржи во Берлин од 24 до 26 мај.