Со три натпревари, денеска стартува третиот круг од македонското кошаркарско првенство кое ќе се развлече до 18 октомври, поради настапот на наши екипи на АБА 2 турнирот во Суботица.
Денеска на програмата се три скопски пресметки, од 18 часот изненадувањето Вардар го пречекува ТФТ, еден час подоцна во Чаир гостува Работнички, а од 20, во Кисела Вода, Академија ФМП игра со Феникс. Сите три дуели носат по некој куриозитет.

Малкумина очекуваа Вардар во третото коло да му биде домаќин на ТФТ во ситуација кога има максимален ефект во Првата лига (0/2), а противникот да е без победа (0/2). Работнички оди на местото каде минатата сезона имаше тежок инцидент и мечот беше прекинат уште во првата четвртина поради напад над гостинските кошаркари. Академија ФМП и Феникс се без победа по првите две кола и вечерва, еден од нив ќе се тргне од групата екипи кои се уште не ја почувствувале сласта на победата.
Утре се играат уште два меча, Гостивар го пречекува Еуро Никел, а Кожув се среќава со Охрид, додека дербито на колото е в среда во Битола, каде повторно ќе играат финалистите од минатата сезона Пелистер и МЗТ Скопје. Двете екипи вчера имаа пресметка во АБА 2 лигата и убедлив триумф оствари актуелниот шампион.