Македонската младинска репрезентација денеска го игра најважниот натпревар од групната фаза на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Во директен дуел со Бугарија, Македонија одлучува за пласман во борбата за медалите, односно за место во конечниот пласман кое носи во елитната конкуренција. Противник е без пораз во досегашните три кола, додека четата на Никола Василев загуби во првото коло од Чешка и со тоа си ја искомплицира ситуацијата во битката за една од првите две позиции во групата.

Освен што мора да победи, на македонската репрезентација ѝ е потребен и триумф од најмалку четири разлика за да го освои второто место или над девет за да заврши како првопласирана во групата. Тоа воопшто нема да биде лесно бидејќи Бугарија на претходните три натпревари покажа извонредна игра, по продолженија ја победи Чешка и со 293 поени (просек од 97,7 по натпревар) е најефикасна селекција во досегашниот дел од шампионатот. Репрезентацијата на Македонија имаше два дена одмор, а дуелот со Словачка во саботата, селекторот Василев го искористи за да ја распореди минутажата кај сите кошаркари, па значајно одморени, тие го дочекуваат денешниот натпревар.
Со Бугарија, последен пат игравме лани, на Европското првенство Б-дивизија во Тбилиси, во борбата за седмата позиција и противниот славеше со 69-64. Од таа екипа на противникот, сега има четворица кошаркари меѓу кои и Константин Костадинов кој минатата година ни даде 22 поена.
Дуелот се игра од 18:30 часот во Кале, на македонските кошаркари им е потребна бучна поддршка од трибините, поголема од првите два меча за да ја остварат својата цел. Ако ја помине денешната пречка, на Македонија ѝ се отворени вратите кон четвртфиналето и големи се шансите да влезе и меѓу четирите најдобри на првенството.