Македонскиот претставник во квалификациите за ФИБА Европа купот, Феникс го заврши својот настап на европска сцена за оваа сезона откако доживеа и втор пораз на турнирот во Никозија.
Скопската екипа загуби од бундеслигашот Рошток со 72-101, но остави многу подобар впечаток од вчера кога беше совладан од Керавнос со 47 разлика. Сценариото беше слично со тоа што Феникс во второто полувреме нешто подобро му парираше на фаворитот, па се спаси од нова катастрофа.

Како и во дуелот со Керавнос, првата четвртина помина во рамноправна игра, но во вториот квартал веќе беше 16 разлика за Рошток, па во продолжение германскиот тим одлучи да ги штеди силите за утрешниот решавачки дуел против домаќинот на турнирот.
Џо Рис беше најдобар поединец кај Феникс со 19 поени и 10 скока, Самаџе Хејнс-Џонс додаде 15, Шакур 12, а Зетов 10 поени.