Минатата недела Кевин Пантер го продолжи договорот со Партизан на уште две сезони, но малкумина знаеле дека пред да го направи тоа, имал сериозни преговори со Торонто Репторс.
Тоа го откри самиот во поткастот Урбонис, на литванскиот специјализиран кошаркарски портал basketnews каде зборуваше и зошто одлучил да остане во Белград.
„Приказната со Репторс беше сериозна, долго преговаравме и мислев дека е возможно да ја продолжам кариерата во Торонто. Не се оствари, тоа беше, едноставно, преговарачка игра. Европа доби предност затоа што поважно беше каде ме гледаат во екипата. Во текот на преговорите сфатив дека тие се сериозно заинтересирани за мене, но во вакви случаи се што се преговара, мора да биде поткрепено. На крајот, ете ме назад во Партизан“, рече, меѓу другото, Пантер.
Во Партизан тој играше и претходните две сезони, ја доби и капитенската лента, како само втор странец во историјата на клубот што ја имал таа чест. Досега не настапувал во НБА лигата, но очигледно е дека по сето тоа што го помина во европската кошарка, не сака по секоја цена да замине таму.