Традицијата што почна во 2019 година, продолжи и по шестиот натпревар меѓу Цедевита Олимпија и Партизан во Љубљана.
Словенечкиот првак повторно излезе како победник и се уште нема пораз во меѓусебните дуели со „црно-белите“ на домашен терен откако се фузираше со поранешниот клуб од Хрватска. Вечерва, Цедевита Олимпија славеше со 95-91 и излезе пред Партизан на табелата од АБА лигата.
Во центарот на вниманието беше поранешниот играч на Црвена Звезда, Јака Блажиќ кој одигра речиси перфектен натпревар и тој му ја продолжи агонијата на Партизан во Љубљана. Постигна 29 поени со шут 6/8 за два, 3/7 за три и 8/8 од линијата за слободни фрлања, а токму од „пенали“ му ја донесе на својот тим клучната предност во финишот. Веднаш до него беше Клемен Препелиќ кој оствари дабл дабл со 18 поени и 11 асистенции.

Партизан, кој се соочува со проблеми со повредени играчи и не може да смета на Пантер и Трифуновиќ, во првото полувреме остана и без Алекса Аврамовиќ кој при еден дуел со Клобучар доживеа скршеница на носот. И во такви услови, гостите беа конкурентни до три минути пред крајот по што Цедевита Олимпија направи серија од 6-0 и ги реши дилемите околу победникот.
По осмото коло од АБА лигата, Партизан ќе биде на петтата позиција со биланс 5/3, додека Цедевита Олимпија е на делба на второто место, заедно со Будуќност и Игокеа.