Поранешен НБА шампион со Лејкерс тргна да ја брани Украина, го повика и Шекил О’Нил

0Shares
0 0

Некогашниот украински репрезентативец Станислав Слава Медведенко им се придружи на бројни спортисти и јавни личности од својата земја во борбата за одбрана од руската агресија.

Со првиот напад што го изврши Русија, на 24 февруари, Медведенко зеде оружје в раце иако претходно немал никаква обука. На кошаркарската јавност ѝ е познат по тоа што во 2001 и 2002 година освои две шампионски титули во НБА со Лос Анџелес Лејкерс, како соиграч на Коби Брајант и Шекил О’Нил. Вооружен со АК-47 (Калашњиков), Медведенко разговараше со новинари на американскиот The Athletic и им објасни како стојат нештата во Украина.

„Војната е време да отворите нешто ново во себе. Можете ли да замислите? Само седите на контролна точка и гледате голема ракета како лета над вас. Ова е како во кино, а ми се чини дека Русите се повеќе разбираат дека не можат да го пробијат нашиот систем на противвоздушна одбрана.

Чувствувам дека морам да останам во Украина и да ѝ помогнам на нашата земја, нашиот народ. Мораме да бидеме силни“, вели Медведенко.

Откако откри дека ги продал сите спомени од деновите во Лејкерс и дека планира да ги продаде шампионските прстени од НБА, поранешниот украински кошаркар го покани Шекил О’Нил да дојде во Украина.

„Би сакал мојот соиграч од Лејкерс да дојде во Киев и да даде поддршка на мојата земја“, додаде 208-сантиметри високиот кошаркар.

Кариерата на Медведен траеше релативно кратко. Почна во Будивелник од Киев, играше во литванскиот Алитус, па се врати во Киев. На 21-годишна возраст замина во Лејкерс и во првите две сезони ги освои титулите, а во 2007 година, како член на Атланта Хоукс замина во пензија. Во НБА одигра 263 натпревари со просек од 5,3 поени, 2,8 скока и 0,5 асистенции. Во 2020 година почна политичка кариера и се обиде да влезе во градското собрание на Киев, но не успеа.

0Shares
0 0