Кошаркарскиот клуб Џокер кој е сопственост на Никола Јокиќ сезонава дебитира во српското првенство (КЛС), но стартот не е според очекувањата.
Во првите две кола, тимот од Сомбор загуби од Слога и Слобода и се наоѓа на претпоследната позиција на табелата, но таму е само затоа што последната Војводина досега одигра еден меч. Последиците од лошиот почеток паднаа на плеќите на досегашниот тренер Небојша Вагиќ кој доби отказ, а веќе е назначен неговиот наследник.
Станува збор за добро познато тренерско име во регионот, Жељко Лукајиќ кој повеќе од 35 години работи на просторите на поранешна Југославија. Меѓу другото, три месеци беше тренер на МЗТ Скопје во сезоната 2017/18 и со клубот од Аеродром го освои трофејот во Купот на Македонија. Популарниот Струја ќе има задача да го врати тимот на вистинските патеки.
„Ќе се трудам со својата работа да се заблагодарам на можноста бидејќи моја обврска е да помогнам со своето искуство и знаење во оваа убава приказна што ја започнаа луѓе од кошарката. Тие сакаат да направат нешто и да го презентираат овој убав град, а првите впечатоци се дека постојат прекрасни услови за работа. Она што ме радува и што ме натера лесно да ја донесам одлуката е начинот на кој клубот е организиран, а се надевам дека ќе има уште многу големи асови, бидејќи во Сомбор не е роден само Никола Јокиќ, туку и уште еден великан на европската кошарка Радивој Кораќ. Значи, гените и корените постојат“, изјави Лукајиќ.
Своето деби на новата позиција, тој ќе го има претстојниот викенд против Раднички во Крагуевац.