Во текот на оваа работна недела, силно одекна трејдот меѓу Милвоки, Портланд и Феникс во кој беа вклучени неколку големи ѕвезди на НБА лигата.
Меѓу нив и Џру Холидеј кој го напушти Милвоки и беше трејдуван во Портланд, но во тимот од Орегон се задржа само четири дена. Веќе денеска , искусниот бек е проследен во Бостон Селтикс кој за него, во Блејзерс ги испрати Роберт Вилијамс, Малколм Брогдон, пик во првата рунда на драфтот идната година и пик во првата рунда во 2029 година.
За Холидеј беа заинтересирани уште неколку екипи, но Бостон испратил најдобра понуда која му одговарала и на Портланд. Сега, Селтикс, на Џејлен Браун, Џејсон Тејтум и Кристапс Порзингис им додаде уште еден врвен дефанзивец и бек кој знае како се освојува титула бидејќи има една со Милвоки, во 2021 година.
Притоа, Холидеј е и одличен поентер, може да повлече кога тоа се бара од него и има дури 14-годишно искуство во НБА лигата. Впечаток е дека токму кошаркар со неговите квалитети му недостасуваа на Бостон за, конечно, да ја освои првата шампионска титула по 2008 година.