Потрес во Мадрид: Ласо повеќе не е тренер на Реал

0Shares
0 0

Како што беше најавено минатиот месец, Пабло Ласо нема да го води Реал Мадрид претстојната сезона со што е ставен крај на една ера која траеше 11 години.

Ваквата одлука ја донело раководството на клубот и тоа исклучиво од медицински причини. На почетокот на јуни, Ласо доживеа срцев удар поради што не го водеше тимот во финалето од плејофот против Барселона во кое Реал победи со 3-1 и ја освои првата шампионска титула во АЦБ лигата по пауза од три години.

„По инфарктот што го доживеа нашиот тренер пред неколку недели, Реал се посоветува со лекари и сите тие нагласија дека би бил голем ризик за неговото здравје да продолжи со тренерската работа“, се наведува, меѓу другото, во соопштението од Реал.

Со оглед на тоа што има уште една година од договорот, Ласо ќе биде исплатен до крај, како да е дел од клубот, а ќе одмори најмалку до летото 2023 година. Неговата позиција ќе ја пополни досегашниот помошник Чус Матео кој го водеше Реал во финалето од шпанското првенство и има голема заслуга за титулата.

Ласо го водеше Реал од 2011 година и за 11 сезони освои вкупно 21 трофеј со што е еден од најуспешните тренери во историјата на клубот.

0Shares
0 0