Нема никаков сомнеж дека шпанското првенство е најсилно во Европа, а шпанската кошарка доминира на Стариот континент, но речиси нереално звучи податокот дека повеќе од половина прволигаши од оваа земја, претстојната сезона ќе учествуваат во европските натпреварувања, почнувајќи од Евролигата, па до ФИБА Европа купот.
Од 18 екипи во АЦБ лигата, сигурен пласман во лигашкиот дел од куповите имаат 11, а уште две можат да влезат преку квалификациите. Тоа значи дека само пет клуба од шпанската елита, претстојната сезона нема да имаат меѓународни обврски.
Како што е познато, во Евролигата учествуваат шампионот Барселона, вицепрвакот Реал, како и Басконија и Валенсија која доби специјална покана. Во Еврокупот ќе настапат бранителот на титулата во тоа натпреварување Гран Канарија, заедно со Хувентут.
Во натпреварувањата на ФИБА би можеле да играат седум екипи. Тенерифе, Уникаха, Мурсија и Бреоган имаат загарантиран пласман во групната фаза од Кошаркарската лига на шампиони, додека Обрадоиро ќе мора да ги помине квалификациите. Во ФИБА Европа купот е сигурен Билбао, а Сарагоса ќе игра квалификации.
Така, во европските купови во новата сезона нема да учествуваат само Манреса, Гранада, Жирона и новите прволигаши Андора и Паленсија.