Познати учесниците на завршниот турнир од НЦАА

0Shares
0 0

Гонзага и УКЛА им се придружија на Бејлор и Хјустон на Фајнал фор турнирот од колеџ-лигата на САД.

Гонзага го обезбеди своето второ учество на завршните турнири, по она во 2017 година, откако буквално го прегази Универзитетот Јужна Калифорнија со 85-66. За Булдогс тоа беше 27. победа по ред изразена со двоцифрена разлика што е најдолга ваква серија во последните 60 години. Тоа е и единствена екипа во НЦАА лигата оваа сезона со максимален ефект имајќи предвид дека не загуби ниеден натпревар ни во лигашкиот дел (25-0), ни во плеј-офот.

Дру Тими беше прв играч на натпреварот, постигна 23 поени, а Сагс и Кисперт додадоа по 18. Ајзеа со 19 поени беше најефикасен кај Јужна Калифорнија.

Другото четвртфинале беше многу понеизвесно. УКЛА го победи Мичиген со 51-49 откако Вулверинс на шест секунди пред крајот промашија тројка за победа. Така, најтрофејниот тим во НЦАА (11 титули), УКЛА се најде на завршниот турнир, првпат по пауза од 13 години.

За првата титула по 1995 година, ќе треба прво да ја прекине победничката серија на Гонзага, а потоа да триумфира во финалето, против подобриот од дуелот меѓу Бејлор и Хјустон. УКЛА е единствената екипа од овие што ќе учествуваат на завршниот турнир, која има титула во НЦАА во својата историја. Гонзага има едно финале (2017 година), Бејлор исто така едно (1948), а Хјустон две (1983 и 1984). Завршниот турнир се игра од 3 до 5 април во Индијанаполис.

ДВОЈКИ ЗА ПОЛУФИНАЛЕТО
Бејлор – Хјустон
Гонзага – УКЛА

0Shares
0 0