Рускиот репрезентативец Алексеј Швед пред два дена беше пуштен на домашно лекување откако минатата недела беше претепан пред ресторан во Москва.
Неговиот менаџер Обрад Фимиќ, по излегувањето од болница откри дека повредите на неговото тело и на главата биле толку сериозни што тој може да има доживотни последици и прашање е дали повторно ќе заигра кошарка.
„Прерано е да се донесуваат какви било заклучоци во врска со здравствената состојба на Швед. Тој има многу тешки повреди на главата кои можат да бидат кобни по неговиот живот. Најважно во целата приказна е што тој преживеа. Прашање е дали некогаш ќе ѝ се врати на кошарката“, истакна Фимиќ.
Сезоната во руската кошарка е пред крај, па Швед ќе го има цело лето да заздрави и веројатно потоа ќе се знае дали ќе продолжи да игра или прерано ќе ја заврши кариерата.