Тренерот на Анадолу Ефес, Ергин Атаман призна дека се минимални шансите, неговиот тим да се пласира во плејофот, а со тоа да ја продолжи одбраната на титулата во Евролигата.
Синоќа, актуелниот европски шампион загуби на гостувањето кај Алба и со биланс 14/16 остана на 11. позиција на табелата. Иако разликата со осмопласираниот Жалгирис е само една победа (со натпревар повеќе за Ефес), Атаман не верува дека турскиот вицепрвак ќе се најде меѓу осумте што ќе разигруваат за титулата.
„Овој пораз најдобро ја отсликува сезоната за нас. Нема да се пласираме во плејофот. Им посакувам среќа на другите екипи“, изјави Атаман по натпреварот во Берлин, нешто повеќе од два месеца откако во Барселона ги провоцираше домашните навивачи и најави хет-трик во елитното натпреварување.
Последните четири кола, Ефес ги игра во Истанбул, три пати игра како домаќин и еднаш како гостин. Ги пречекува Армани, Виртус и Монако, а му гостува на Фенербахче. Впечаток е дека четири победи би го однеле во плејофот, но прашање е дали ваков Ефес е способен да го направи тоа.