Прекрасна увертира за Реал: Јуниорите се европски шампиони, „новиот Дончиќ“ МВП

0Shares
0 0

Четврти пат во историјата, Реал Мадрид е освојувач на јуниорската Евролига откако денеска во финалето го совладаа комбинираниот тим Next Generation со 71-60.

Младите играчи на шпанската екипа доминираа од почетокот, водеа со 20-10 во првата четвртина и до крајот ја одржуваа предноста. Next Generation во вториот квартал успеа да фати резултатски приклучок, но тоа кратко траеше и Реал повторно направи добра разлика која ја сочува до крајот. Со овој триумф, Реал стана најтрофеен тим во јуниорската Евролига со четири титули, надминувајќи ја ЦСКА со која досега го делеше првото место со по три.

За најкорисен играч на завршниот турнир, кој како и сениорскиот се одржува во Каунас, беше прогласен словенечкиот интернационалец Јан Виде кого многумина веќе го споредуваат со Лука Дончиќ поради сличната конституција и фактот што игра во Реал. Во финалето, тој постигна 19 поени, 7 скока, 6 асистенции и оствари индекс 25. Покрај него, во идеалната петорка се најдоа уште Каспарс Јакучионис од Барселона, Никола Топиќ од Црвена Звезда, Мухамед Фаје од Next Generation и Богољуб Марковиќ од Мега.

Триумфот на јуниорите на Реал е одлична најава за големото финале во сениорска конкуренција каде сениорскиот тим ќе се сретне со Олимпијакос.

0Shares
0 0