Пресврт во Градски парк: Симиќ останува тренер на Работнички

0Shares
0 0

По двонеделната пауза и новогодишните и божиќните празници, Кошаркарскиот клуб Работнички објави дека нема да има смена на тренерската позиција во тимот.

Тоа значи дека Тони Симиќ останува на клупата, исто како и неговиот стручен штаб. Соопштението од Работнички го пренесуваме во целост.

„КК ‘Работнички’ децидно ги отфрла објавите што се појавија по одредени спортски медиуми за наводна смена на тренерот Тони Симиќ и стручниот штаб на клубот.

Вистински предизвик е да се одржува и да се води најтрофејниот македонски кошаркарски состав и затоа и Општина Центар и КК ‘Работнички’ цврсто стојат позади тренерот Симиќ.

Имајќи ги предвид тековните активности со формирањето на комисиите во новиот Совет на Општина Центар и смената на општинските раководства, Ве известуваме дека сите тековни проблеми, особено оние поврзани со неисплатените плати на играчите, наскоро ќе бидат надминати.

Апелираме до спортските медиуми и новинари, да ги проверуваат информациите, да се повикуваат на релевантни извори и да не подлегнуваат на лаги и манипулации креирани само и единствено да нанесат штета на еден од најпознатите македонски кошаркарски брендови.

Ве известуваме дека стручниот штаб на КК „Работнички“, предводен од двете легенди на македонската кошарка, Тони Симиќ и Ѓорѓи Чековски, остануваат да го водат клубот и имаат целосна поддршка како од раководството на „Работнички“, така и од Општина Центар.“

КОШ.МК на 25 декември, по поразот на Работнички од МЗТ Скопје УБ, објави изјава од висок функционер на клубот дека ќе се разгледува можноста за раскин на договорот со Тони Симиќ. Изјавата беше дадена во името на КК Работнички.

0Shares
0 0