Репрезентацијата на Ангола е една од најредовните учеснички на светските првенства од „црниот“ континент.
Тоа и не е големо изненадување ако се знае дека е најтрофејна во Африка со 11 титули на континенталните шампионати иако последната од нив е освоена во 2013 година. Што се однесува до мундијалите, најголемиот успех е остварен во 2006 година во Јапонија кога „црните антилопи“ го освоија деветтото место, но на претходниот шампионат, во Кина, беше 27. од 32 селекции.

Прво име во репрезентацијата на Ангола е НБА центарот, Бруно Фернандо кој минатата сезона забележа 39 настапи во најсилната светска кошаркарска лига, прво за Хјустон Рокитс, а потоа за Атланта Хоукс. Покрај него, тука се Жилсон Банго и Силвио Соуса кои заедно со Фернандо формираат фантастично трио, способно да се носи со сите репрезентации. Во квалификациите, најголем придонес имаа Чилди Дундао, Жерсон Гомкалвес, Жерсон Домингос и Теотониос До кои играат во домашните клубови Петро де Луанда и Примеиро де Агосто и кои ќе се обидат да им помогнат на гореспомнатите тројца во остварувањето што подобар резултат.
Иако уште не се знае финалниот состав на Ангола, голем проблем е тоа што оваа репрезентација има мошне возрасни кошаркари. Едуардо Мингас е 40-годишен, Реџи Мур има 38, Олимпио Сиприано 37, а Карлос Мораес и Леонел Пауло по 33 години.

Селектор на Ангола е каталонскиот стручњак Жосеп Кларос кој во својата кариера работел на пет континенти и со своите екипи учествувал во 15 финални натпревари. Познат е и по тоа што доживотна забрана за работа во канадската кошарка затоа што како тренер на Халифакс Реинмен одби да игра „мајсторка“ во тамошното првенство затоа што на последниот тренинг пред натпреварот дошло до масовна тепачка во тимот. Освен суспензија, Кларос беше казнет и со 10 илјади долари.
Пласман на Светското првенство, Ангола оствари како второпласирана во групата Е од африканските квалификации со 18 бода, колку што имаше и Брегот на Слоновата Коска. Во рамките на подготовките, Ангола одигра четири пријателски натпревари и ги загуби сите: од Мексико со 76-78, од Јордан 56-70, од Португалија 67-72 и од Јапонија 65-75. На Светското првенство е во групата А, со Италија, Доминиканска Република и Филипини и ќе има исклучително тешка задача да се пласира во следната фаза.