По седум порази во низа, Академија ФМП го оствари првиот триумф во Првата македонска кошаркарска лига откако денеска го совлада Кожув со 93-83.
Проблемите со салата и преселбата од Кисела Вода во Чаир очигледно не влијаеја на тимот предводен од Владимир Мирковски кој како да го чуваше најдоброто токму за овој меч. Во текот на натпреварот водеше и со 24 поени разлика, а според она што го демонстрира, покажа дека не заслужува да биде на последното место на табелата.
ФМП и фуриозно го почна дуелот, поведе со 13-4 по само четири минути игра за Кожув да одговори со 12-0 за своето највисоко водство на мечот, од 16-13. До крајот на четвртината, домашниот тим ја презеде контролата над резултатот, а во вториот период отиде на 48-33. Кожув делумно се врати во игра во третиот период, но тоа кратко траеше бидејќи ФМП со серија од 9-0 кон средината на последната четвртина стигна на највисоките 91-67 и тука ги реши сите дилеми околу победникот.
Огундиран со 26 поени беше најефикасен кај ФМП, Иванов додаде 20, а Нилд 19. Криснан го предводеше Кожув со 25 поени.