Македонската јуниорска репрезентација ја оствари првата победа на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Матосињос.
Во дуелот од третото коло, нашите млади кошаркари ја победија Норвешка со 100-80, на крилјата на фантастичниот Андреј Шошкиќ кој одигра уште еден извонреден меч. Откако против Австрија остана на една асистенција, денеска му недостасуваа три скока за да оствари трипл дабл.
До победата, македонската репрезентација дојде благодарение на подоброто второ полувреме во кое го скрши отпорот на незгодниот ривал. Норвешка беше рамноправна во првите 20 минути, често се наоѓаше во минимално водство, но на голем одмор Македонија замина со предност од 46-43.
Со тројката на Јаничиќ на истекот од третиот квартал поведовме со 67-58, а кога кон средината на последната четвртина поведовме со 77-62, беше јасно дека момците на Андреј Апостолски Лечиќ ќе дојдат до првиот триумф. Шошкиќ го заврши натпреварот со 15 поени, 13 асистенции и 7 скока за индекс 28, но најефикасен беше Никола Јаничиќ со 24 поени од кои 10 во последните 100 секунди од мечот. Вкупно петмина кошаркари во македонската репрезентација имаа двоцифрен поентерски ефект.
Сепак, по денешното четврто коло, уште поголема е тагата кај македонските кошаркари за пропуштената шанса во дуелот со Австрија. Останува уште утрешниот меч со Исланд, за третото место во групата.