Крилниот играч на Орландо Меџик, Паоло Банкеро е 11. кошаркар кој му се стави на располагање на селекторот на американската репрезентација Стив Кер за претстојното Светско првенство што летово ќе се одржи во Јапонија, Индонезија и Филипини.
Со тоа, Банкеро ги уништи сите надежи на италијанската кошаркарска јавност дека ќе заигра за „аѕурите“ со оглед на тоа што неговото потекло е од оваа европска држава иако тој е роден во Сиетл. Тој пред три години беше на поширокиот список од 24 кошаркари на селекторот Џанмарко Поцеко за квалификациите за ланското Европско првенство, но тогаш одби да игра за Италија со образложение дека се уште размислува чиј дрес да го облече.
Своето деби за американската репрезентација, Банкеро ќе го има на подготвителните натпревари пред Светското првенство, а покрај него, своето учество на Мундобаскетот го потврдија уште: Ентони Едвардс, Тајрис Халибартон, Остин Ривс, Микал Бриџис, Боби Портис, Џејлен Брансон, Брендон Инграм, Џерен Џексон, Вокер Кеслер и Камерон Џонсон.