Иако за денеска беше ветено дека кошаркарските прволигаши ќе добијат повеќе информации од Владата во врска со спортскиот ваучер за кој е најавено дека ќе биде во поинаква форма од денеска, тоа не се случи, па Здружението излезе во јавноста со свое соопштение кое го пренесуваме во целост.
„Почитувани,
Преку овој наш заеднички допис Ве известуваме дека на одржаниот состанок на ден 08.11.2023 година на Здруженијата на кошаркарските клубови, донесена е одлука заеднички да се обратиме до Владата на Република Македонија преку ова наше барање, односно иницијатива, која ја испраќаме преку Кошаркарската Федерација на РСМ со кое сакаме да го образложиме нашиот став во врска со прашањето за финансирање на спортските клубови, односно измената на законот за спорт во делот кој се однесува на ова прашање.
Како спортски клубови кои професионално ја извршуваат дејноста спорт, Ве известуваме дека во целост ја подржуваме иницијативата за измена на законот за спорт и со тоа сметаме дека предложената измена оди во прилог на спортистите и спортските работници преку која, доколку биде изгласана, значително би се олеснило функционирањето и финансирањето на нашата работа.
Од овие причини ја поздравуваме иницијативата за измена на законот за спорт и ја сметаме како значителен чекор нанапред во унапредувањето на условите за работа во нашата дејност.
Го пишуваме овој заеднички допис од причина што иако веќе подолго време ја очеуваме одлуката на владата на носењето на предметниот предлог закон во кој е наведено дека исплатата на средствата преку Ваучерот ќе се врши дирекно од средства од буџетот на државата, но се уште немаме информација кога конкретно би се донела одлуката за ставање во сила на овој закон, односно дали воопшто би се донел и би се ставил во функција.
Барањето за конкретен одговор на ова прашање е од особена важност за нас како спортски клубови од причина што истата информација им е позната и на нашите клупски спонзори кои уплаќаат средства и ги ‘полнат’ ваучерите врз основа на нивните можности, кои пак средства се наш основен приход и без кои не би можеле да функционираме. Одолговлекувањето на носење на одлука во врска со предметниот закон, го става во прв план проблемот/сомнежот кој се јавува кај клупските спонзори во смисла дали уплатените средства од страна на нашите клупски спонзори ќе се сметаат како даночно ослободување или не, што доколку биде до сега уплатените средства не се сметаат како даночно ослободување во корист на спонзорите, би претставувало голем проблем, а со тоа би се изгубила довербата за ваквиот начин на финансирање на спортски клубови.
Веруваме дека со истиот овој проблем е соочуваат и останатите спортски клубови и спортски работници па од таа причина сакаме да укажеме на итност во носење на одлуката во врска со законските измени кои се однесуваат за финансирањето на спортските клубови и спортисти.
Се надеваме дека ова наше барање ќе се земе во предвид и во најкус можен рок ќе се донесе одлука се со цел да не се наруши функционирањето на клубовите и со тоа да се намали квалитетот на спортот во нашата земја.
Со почит“, се вели во дописот од Здружението на клубови.