До пред две сезони, Панатинаикос беше доминантна сила во грчката кошарка, а секако е убедливо најтрофеен тим во земјата со 39 освоени шампионски титули.
Сепак, кризата што почна лани, оваа сезона кулминираше откако уште на почетокот, темелите беа криво поставени. Ангажманот на Дејан Радоњиќ се покажа како тотално промашување, а според сведоштвата на бројни менаџери, голема вина за очајна сезона има раководството на клубот кое не ги оствариле плановите кога станува збор за засилувањата.
Како последица на сето тоа, Панатинаикос ја одигра најслабата сезона во 21. век и првпат по 28 години е без трофеј. Последен пат тоа се случи во 1995 година кога во финалето од плејофот загуби од Олимпијакос со 2-3, а во Купот не ни стигна до финалето бидејќи таму играа ПАОК и Паниониос. Оттогаш, секоја сезона, во витрините на Панатинаикос стигнуваше барем по еден трофеј, макар и од Интерконтиненталниот куп кој клубот го освои во 1997 година.
Оваа сезона, ПАО не само што не успеа да освои пехар, туку имаше очајни настапи во сите натпреварувања. Во Купот на Грција испадна во полуфиналето од Олимпијакос со 65-81, во домашниот плејоф загуби од најголемиот ривал со 1-3, во Суперкупот, исто така од Олимпијакос со 52-67, а Евролигата ја заврши на претпоследното, 17. место.
Една од најголемите болки на навивачите е тоа што на десетте официјални дуели против Олимпијакос оваа сезона, Панатинаикос има биланс 1-9.