Иако ждрепката е на 8 август, македонските претставници во квалификациите за ФИБА Европа купот, Работнички и Феникс аплицираа за организација на турнирите на кои ќе учествуваат.
Двата клуба се наоѓаат во третиот шешир при ждрепката, а меѓу можните противници се шпанската Сарагоса и португалскиот Порто. Ќе се играат седум квалификациски турнири, во периодот од 3 до 5 октомври и ако нема други заинтересирани, можно е два од нив да се играат во Скопје, со тоа што Работнички ја пријавил салата „Кале“, а Феникс – „Јане Сандански“.
Пласман во групната фаза од ФИБА Европа купот ќе обезбедат само првопласираните екипи од групата. За Работнички, ова е враќање на европска сцена по пауза од шест години, а Феникс ќе дебитира на неа откако пред две години влезе во Првата македонска кошаркарска лига.