И вториот македонски претставник во квалификациите за ФИБА Европа купот, Работнички без победа го заврши својот настап на европска сцена оваа сезона.
По поразите од Рапид и Сабах, Работнички денеска загуби и од холандскиот Донар Гронинген со 62-65. Иако важеше за еден од фаворитите за првото место, на крајот нашиот тим заврши како последнопласиран во својата група иако два меча загуби на еден посед.
Денешниот меч немаше никакво резултатско значење, па веројатно тоа е причината и за слабата ефикасност на двете екипи. Првото полувреме заврши со 32-25 за холандскиот тим, Донар Гронинген беше подобар и во третата четвртина, а Работнички се разбуди дури во финишот. На три минути пред крајот беше 58-49 за Донар за нашиот тим да се доближи на само еден посед (57-60) на влезот на последните две минути. Сепак, Донар мошне искусно го приведе мечот кон крај и дојде до првата победа на овој турнир.
Трајс со 12 и Џелетовиќ со 11 поени беа единствени со двоцифрен ефект кај Работнички. Сепак, изненадува инсистирањето на Димитар Мираковски да игра со странските кошаркари иако овој меч немаше никакво резултатско значење. Џелетовиќ, Рикиќ, Декоузи и Трајс играа безмалку по 30 минути, додека, на пример, капитенот Ефремовски на теренот помина седум минути од кои пет во финишот, Бакоч играше 10, Ѓуроски 11, Николов 4, а Бошалески едвај 3 минути иако ова беше шанса за него за стекнување искуство на меѓународна сцена во сениорска конкуренција. Сите овие кошаркари се македонски репрезентативци и секако имаа што да дадат и да придонесат за екипата.
РЕЗУЛТАТИ – ГРУПА А
- КОЛО
Донар – Сабах 72-75
Работнички – Рапид 57-87 - КОЛО
Рапид – Донар 69-65
Сабах – Работнички 83-81 - КОЛО
Рапид – Сабах 71-90
Донар – Работнички 65-62