По пауза од шест години, најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички, планира повторно да заигра во натпреварувањата на ФИБА.
Во овие шест сезони, тимот од Градски парк само еднаш излезе од границите на Македонија и тоа за да учествува во АБА 2 лигата, во 2020/21 во која не успеа да се пласира во плејофот. Како што неофицијално дознава КОШ.МК, раководството на Работнички планира да го пријави клубот во ФИБА Европа купот (во игра е Лигата на шампионите, но тука зависи од други македонски клубови) чиј краен рок за пријавување е 27 јуни. Учеството во Кошаркарската Лига на Шампиони е нешто подобра опција бидејќи во случај на елиминација, Работнички би продолжил во групната фаза од ФИБА Европа купот.
Ако се одлучи директно за ФИБА Европа купот, Работнички ќе се врати во истото натпреварување во кое учествуваше во сезоната 2017/18. Тогаш, во квалификациите доживеа два убедливи порази од рускиот претставник Парма Перм, на гостински терен со 63-88, а во „Борис Трајковски“ со 73-95.
Евентуалното пријавување во ФИБА Европа купот ќе биде потврда за високите амбиции на Работнички претстојната сезона. Клубот е рехабилитиран на финансиски план, веќе сериозно работи на засилувања и има намера да се врати во борбата за шампионската титула во домашното првенство која последен пат ја освои во 2018 година.