Сосема очекувано, Работнички оствари уште еден убедлив триумф во меч во кој ја имаше фаворитската улога.
Како домаќин, најтрофејниот тим во земјава го совлада дебитантот во елитата Охрид со 86-56 за петта победа во сезоната. Со оглед на високото водство, тренерот Горан Самарџиев им даде шанса на сите кошаркари што ги има на располагање, а во голем дел од натпреварот, поставата на теренот беше со просечна возраст помала од 20 години: Бошалески, Србиноски, Саити, Шошкиќ и нешто повозрасниот Тодоровски. Тоа веројатно е и најдобрата работа од овој натпревар кој беше решен уште во раната фаза.
Работнички го отвори натпреварот со 20-0, а својот прв кош, гостите го постигнаа во последната минута од воведната четвртина. Во такви услови, на кошаркарите на Самарџиев им беше многу полесно, па нивното водство се зголемуваше од минута во минута. Пред крајот на првото и почетокот на второто полувреме Работнички направи и серија од 14-0 и отиде на 56-18, па во последната четвртина на теренот постојано беа гореспомнатите млади сили на тимот од Градски парк.
Стојан Ѓуроски со 15 поени беше најефикасен кај Работнички, Трајс додаде 13, Ефремовски 12, а Шошкиќ 11. Во тимот на Охрид, само двајца постигнаа двоцифрен број поени, Бернард 19 и Столески 11.