Екипата на Работнички се врати на победнички патеки по поразите од Чаир и МЗТ Скопје за што цената ја плати тренерот Димитар Мираковски.
Со Андреј Апостолски Лечиќ на клупата како привремено решение, тимот од Градски парк денеска го истури гневот врз Вардар кого како гостин го совлада со 119-68. Постигнатите 119 поени не се само рекорд на Работнички, туку и воопшто во Првата македонска кошаркарска лига сезонава. Досегашниот рекорд го држеше Еуро Никел од мечот против Академија ФМП во првото коло кога броеше до 114. Интересно е и тоа што во првите три четвртини, поранешниот шампион реализираше по 30 поени, а во последната за малку не ја достигна оваа бројка и застана на 29.
Вардар се држеше во првите девет минути, во нив водеше го достигна и највисокото водство (16-10), а потоа почна доминацијата на Работнички. Во следните четири минути, гостите направија серија од 20-0 за водство од 41-24. Со тоа дефинитивно беше скршен отпорот на Вардар, па до крајот, разликата константно се зголемуваше, до конечните +51.
Осум од вкупно десет играчи на Работнички постигнаа двоцифрен број поени, најмногу имаше Стојан Ѓуроски – 20, а само еден не се запиша во листата на стрелците. Кај Вардар, Атанасов беше најефикасен со 18 поени.