Работнички, засега, е посилен од сите проблеми

0Shares
0 0

Добрата форма од последниот турнир во АБА 2, најтрофејниот македонски тим ја префрли и во домашното првенство.

Заедно со победите против Хелиос и Слобода на Златибор, Работнички сега е во серија од пет победи, откако денеска го совлада Куманово со 79-72 за трет триумф во низа во Првата лига. Триумфот добива на тежина ако се знае дека кумановци играа одлично последниот период, а Димитар Мираковски подолго време игра со само седуммина кошаркари.

Почетокот на денешниот меч ги изненади сите кои го следеа, во првите три ипол минути Куманово направи 13-0, најавувајќи дека е дојден повторно да го совлада Работнички за помалку од еден месец. Домаќините брзо се вратија во игра, веќе пред крајот на првата четвртина се доближија на еден негатива (18-19), но на првото водство чекаа до почетокот на второто полувреме.

Откако на пауза се замина со 39-37 за Куманово, Работнички го почна вториот дел до низа од 7-0 за предност од 44-39. Нешто подоцна поведе со 52-45 за гостинскиот тим со серија од 8-1 да дојде до израмнување.

Клучниот период за победата на Работнички беше средината на последната четвртина во која поведе со 66-57. Куманово се доближи на четири поени негатива (62-66), но со 8-2 домаќините првпат дојдоа до двоцифрена предност (74-64). Неколку грешки му дозволија на противникот повторно да ја врати драматиката (70-74) на 40 секунди пред крајот, но Ефремовски од линијата за слободни фрлања и Мулалиќ со тројка ставија точка на мечот.

Тројца кошаркари го одбележаа натпреварот, двајца на Работнички и еден на Куманово. Кај Работнички тоа беа Питс кој постигна 32 поена и Младеновски кој реализира 18 поени и 14 скока, а кај Куманово, Бранислав Ѓекиќ кој заврши со 25 поени и 13 скока.

фото: КФСМ

0Shares
0 0