Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација ги одреди казните за полуфиналните дуели од плејофот во Првата македонска кошаркарска лига во машка конкуренција.
Најжестоко е казнет Работнички кој поради инцидентите предизвикани од навивачите на двата натпревара против МЗТ Скопје треба да плати 89 илјади денари. Речиси половина од оваа казна (40 илјади) е за првиот меч, одиграни во „Јане Сандански“ и тоа за фрлање петарди, палење и фрлање чадни бомби и тврди предмети. Останатата сума е за реваншот во Кале каде освен што имаше неспортско навивање и фрлање петарди, чадни бомби и тврди предмети, повреда доживеа еден од судиите Зоран Митровски кого барутни честички му влегоа во десното око.
Од останатите учесници во полуфиналето, ТФТ Моцарт ќе плати 46.200 денари, МЗТ Скопје 34.000 денари и Пелистер 22.400 денари. Во овие суми се влезени и техничките грешки на играчите и тренерите на екипите.