РАДУЛОВИЌ: Задоволен сум од турнирот на Златибор, а Младост ќе биде тежок тест за нас

0Shares
0 0

Дебитантскиот настап како прв тренер во АБА 2 лигата, 40-годишниот тренер на МЗТ Скопје ќе го памети по првите две победи во неговата кариерата во регионалното натпреварување.

По поразот од Спарс, аеродромци ги совладаа Горица и Златибор и се изборија за петтото место во конечниот пласман. Познат е ривалот во четвртфиналето, тоа ќе биде екипата на Младост Земун која има млад, но исклучително талентиран и квалитетен тим. Дарко Радуловиќ е задоволен од она што се случуваше на неговиот дебитантски турнир од АБА 2.

„Генералната оценка за ‘балонот’ на Златибор е повеќе од задоволителна затоа што отпатувавме со ослабен ростер, поточно со 7-8 играчи во ротацијата. Мора да се истакне дека игравме и под голем притисок затоа што ни беше потребна барем една победа за да обезбедиме пласман во плеј-офот, а игравме против екипи кои, исто како нас, се бореа за место во топ-8, а дојдоа комплетни.

Она што се договоривме беше целосно исполнето, а енергијата, храброста и одлучноста на максимално високо ниво. Сите играчи заслужуваат честитки затоа што, освен што дадоа се од себе, играа атрактивна и убава кошарка. Го контролиравме односот меѓу загубените топки и асистенциите со тоа што загубените топки ни беа до 13, а асистенции имавме во просек над 20.

Сите противници против кои игравме имаат квалитетни состави и две победи со ваков ростер, се извонреден успех“, анализира Радуловиќ за kos.mk.

Следниот противник е добро познат, во лигашкиот дел ги совлада и Работнички и МЗТ Скопје, а како филијала на Партизан, во своите редови има кошаркари кои многу брзо би можеле да го облечат „црно-белиот“ дрес.

„Во четвртфиналето играме против Младост и се надеваме дека завршниот турнир ќе почне колку е можно подоцна. Ако стартува на 12 април, ќе ни претставува голем проблем поради враќањето на повредените и болните кошаркари кои не настапија на Златибор. Повеќе ни одговара да почне на 19 април бидејќи ќе имаме доволно време да се подготвиме како екипа, повредените и болните да влезат во посакуваниот ритам и ќе бидеме добро покриени на сите позиции.

Како и да биде, мора да се спремиме максимално. Противникот е најагресивна екипа во АБА 2 лигата, одлично физички подготвена и со својата игра го принудува противникот на грешка. Ако успееме да го оневозможиме во тоа, мислам дека ќе бидеме во голема предност.

Има квалитетни странски играчи на повеќе позиции, Мичел на плејмејкер, Дрексел, на 2-3, Игбани на 4 и Гомбу на 5, а имаат и одлични домашни кошаркари. Многу работи во тој двомеч ќе зависат од нас, натпреварите ќе бидат голем тест за нас. Ако ние успееме да одговориме на нивната агресивна игра и да возвратиме на ист начин, имаме шанса за пласман во следната фаза“, додаде Радуловиќ.

0Shares
0 0