Рускиот гигант ЦСКА, предводен од Емил Рајковиќ, планирано е да учествува на силен меѓународен турнир, во организација на шампионот на БиХ, Игокеа, во пресрет на новата сезона.
Турнирот треба да се одржи во вториот викенд од септември, а покрај домаќинот и ЦСКА, на него ќе учествуваат и Партизан и Хапоел Ерусалим чиј тренер е поранешниот селектор на македонската репрезентација Александар Ѓикиќ. Тоа ќе биде и средба на двајцата соработници во македонскиот национален тим имајќи предвид дека Рајковиќ му беше асистент на Ѓикиќ во квалификациите за Европското првенство во 2015 година.
Игокеа со овој турнир ќе одбележи 50 години од своето постоење, а натпреварите ќе се играат во салата на овој клуб во Лакташи.